По 40 години, ќе се конзервираат фреските во штипската црква „Свети Спас“
Конечно ќе се конзервира оштетениот фрескоживопис во црквата „Свети Спас“ во Штип. Последниот ваков зафат беше пред 40 години. Во меѓувреме влагата остави траги кои сега ќе се отстрануваат етапно. Инаку црквата потекнува од 1369-тата година...

По повеќе од 40 години, се конзервираат фреските во еден од симболите на Штип – црквата „Вознесение Христово“ позната како „Свети Спас“.
„Ќе се конзервира целокупниот ансамбл на фрески кој е составен од фрескоживопис создаден во 14-от век, додека најголемиот дел од фрескоживописот потекнува од 1601 година, од страна на фрескоживописецот Јован“, вели Зоран Читкушев, директор на Завод – Музеј, Штип.
Целата постапка ќе тече во повеќе фази.
„Во првата фаза во план е да се исчистат фреските и да се инјектирата деловите кои се подуени од влагата. Во втората фаза, по стабилизацијата на фреските ќе се помина на ретуш на одредени делови од фреските“, додава Читкушев.
Црквата, последен пат е конзервирана пред повеќе од 40 години, но трагите на времето, ја покриле тогашната работа на конзерваторите. Дополнително, утврдена е и потреба од дренажа на просторот околу црквата и конзервација на покривот и венецот.
Малата еднокорабна црквичка, е изградена во 1369 година од страна на војводата Димитар и таа е еден од најпрепознатливите објекти за Штип и Штипско Ново Село. Околу неа има некрополи со гробови од различни временски периоди, а највпечатлив е гробот на војводата Мише Развигоров.
Оливера Жежова
