Прилеп

Се аплицира за субвенционирана струја

10.11.2022 11:48

Прилепските училишта и водоводното претпријатие подготвени да користат субвенционирана струја од први декември. Училиштата велат тоа ќе го нормализира, без прекин, наставниот процес, а за водоводното претпријатие е спас од пропаст. Најавуваат и враќање на цената на водата…

Десетте основни и петте средни прилепски училишта аплицираат, водоводното претпријатие ги испрати документите до ЕСМ-продажба. Сите се одзваа да ја користат владината мерка од први декември да добијат субвенционирана струја за да функционираат нормално. Ова е ситуацијата кога ЕСМ-продажба го продолжи рокот до 20-ти во месецов за компаниите од прехранбената, училиштата и водостопанствата да ја искористат можноста.

Во училиштата велат – вака се отстранува опасноста преку 11.000 ученици да останат без настава и ќе се нормализира процесот.

Во прилепски водовод месечните сметки од 7,5 милиона денари ќе се симнат на разумни два милиона со цена на струјата од 95 евра од мегават час. Претпријатието ќе функционира, може да ги врати 12-те милиони денари долг, а најавува и враќање на цената на водата пред зголемувањето од 20 проценти.

Мерката на Владата за користење субвенционирана цена на струјата е од први декември.

Елизабета Митреска