Агенција за медиуми

АВМУ одбележува 25 години од своето постоење, се одржа состанок на регулаторите тела од регионот

10.11.2022 12:43

Наредната година законската регулатива во областа на медиумите ќе биде целосно усогласена со европската најави првиот човек на Агенцијата за медиумите. Евроамбасадорот Гир побара поинтензивно да се работи на препораките од ЕУ. Според претседателот Пендаровски со отворањето на преговорите со ЕУ, неминовни ќе бидат реформите во медиумскиот сектор...

Европските извештаи нотираат напредок во областа на медиумите, но потребно е да се работи на интензивирање на медиумските реформи, но и на обезбедување на независност и финансиска стабилност на јавниот сервис и регулаторот за медиуми, порача претседателот Пендаровски на обраќањето на 25 годишнина од формирањето на АВМУ. Со отворањето на преговорите со ЕУ, вели неминовни ќе бидат реформите во медиумскиот сектор.

И евроамбасадорот Гир смета дека Македонија е во многу важна фаза во евроинтегративниот процес, а медиумите како што рече се клучни на тој пат. Побара поинтензивно да се работи на препораките од ЕУ. Директорот на АВМУ Трајчевски најави дека наредната година законската регулатива во областа на медиумите ќе биде целосно усогласена со европската.

По повод 25 годишнината од основањето на АВМУ се одржа состанок на регулаторите за медиуми на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Бугарија.

Викторија Милевска