12 нови апарати за дијагностика ќе бидат распоредени низ болниците во државата
Најсовремени апарати ќе бидат распределени во 12 јавни здравствени установи. Министерот Сали рече дека тие се набавени во вкупна вредност од 1.1 милион евра, додека за двете магнетни резонанци сумата изнесува 754 илјади евра. Премиерот Ковачевски задоволен што и во услови на криза продолжува вложувањето во здравството...

Мамографи, магнетна резонанци, компјутерска томографија нема во внатрешноста на земјава или не се користат затоа што нема кадар и услови, пациентите за преглед треба да дојдат во Скопје. Листите на чекање за дијагностика се долги, се чека и по три месеци. Првиот човек на „8 Септември“, вели дека се чека по две недели преку Мој термин, им се излегува во пресрет на пациентите со приоритетен упат.
Досега за магнетна резонанца се прегледувале по 20 пациенти, со двата нови апарати за 50 насто се зголемува бројот на прегледите.
Министерот Беким Сали вели, се работи на инсталација на најсовремени апарати кои ќе бидат распределени во 12 јавни здравствени установи. Признава дека во моментот на терен има проблеми со опремата и апаратите.
Премиерот Ковачевски сочувствува со семејствата и пациентите со сериозни дијагнози кои долго чекаат за дијагностика, вели, и тој бил на нивно место поради болест кај близок во семејството. Но, во Македонија има ресурси кои треба да се искористат.
Досега се набавени дваесетина апарати за дијагностика, на вработените им се зголемени платите.
Наташа Јанчиќ Менковски
