Македонија

Недоволна транспарентност и пропусти при изборот на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција

10.11.2022 14:37

Новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, совесно да си ја врши работата согласно законот, порача академик Владо Камбовски. Блупринт групата за реформи во правосудството реагираше на недоволната транспарентност и пропустите при изборот на шефот на Обвинителството...

Новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, совесно да си ја врши работата согласно законот, порача академик Владо Камбовски. Доаѓа крајот на бесот на политичката арбитрарност, на бесот на политичките партии и арогантноста, наметнување на кадровски и какви било други решенија без да се исполнат критериумите за квалитет, додаде Камбовски. Според него следува период на опсервација особено после отворањето на преговорите на членство во ЕУ.

Блупринт групата за реформи во правосудството реагираше на недоволната транспарентност и пропустите при изборот на шефот на Обвинителството. Од таму укажуваат дека не се запазени ниту минимум стандарди затоа што биографиите на кандидатите со нивните професионални компетенции не беа објавени на веб страницата на Советот на јавни обвинители, кој ги спроведува изборите.

„Ова е особено важно ако се земе предвид дека станува збор за обвинител кој ќе раководи со Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, чии постапки се од висок интерес за јавноста, медиумски се експонирани и значително влијаат врз формирањето на мислењето и довербата на јавноста во обвинителството и судството во целина“, посочуваат од Блупринт групата.

Со свој коментар академик Камбовски и во врска со испраќањето на Законот за здруженија во Венецијанската комисија. Не очекува, вели, дека Венецијанската комисија ќе ги оспори измените со кои се забрани здруженија и партии да имаат програма, статут и дејност насочени кон омраза, нетолеранција, фашизам, нацизам итн., како и во нивните називи да се користат имиња поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот Рајх и слично.

Фиљана Кока