АЕРОЗАГАДУВАЊЕ

Се очекува зголемено загадување на амбиенталниот воздух

10.11.2022 16:44

Нè очекува ли зголемено загадување на амбиенталниот воздух. Експертите одговараат потврдно, најчувствителна состојба со респираторните болести се забележува кај децата. Се мерат ПМ честичките во воздухот, но некои од станиците се сервисираат или се во дефект...

Периодов се очекува поголемо загадување на амбиенталниот воздух. Со оглед на најавите за пад на температурите се очекува и поинтензивно затоплување на домовите, а тоа ќе доведе до поголемо загадување и појава на чести респираторни инфекции, вели за Македонската телевизија доктор Андон Чибишев, нагласувајќи дека ова особено ќе се одрази кај децата кои се најчувствителни на промените. Дополнително состојбата ќе ја влоши и фактот што граѓаните повеќе не носат заштитни маски, за разлика од минатите години поради корона кризата.

Чибишев изрази надеж дека државата ќе најде начин за загревање на домовите со гас, а не со дизел, едно од фосилните горива од кои се откажува Европскиот континент. На иста линија и дел од екологистите. Велат нудиме алтернативи со години, на пример да се вложи во обновливи извори на енергија, но тоа не се случува.

Од почетокот на месец ноември, регистрирани се пречекорувања на среднодневната гранична вредност на ПМ10-честиците на сите мерни места во Македонија, освен во Лазарополе. Од Министерството за животна средина велат дека најголема концентрација е регистрирана во Кичево. Додаваат и дека сите мерни станици во Македонија се во функција, со исклучок на тие што се сервисираат и на станицата во Куманово која е во дефект.

Марија Котовска