Републиканците и Демократите во неизвесна трка за власт во Конгресот
Според последните податоци, првите водат во Претставничкиот дом, а за Сенатот ќе бидат одлучувачки резултатите од Аризона и Невада. Контролата на Конгресот ќе биде клучен фактор за одредување на иднината на агендата на Бајден и ќе послужи како референдум за неговата администрација додека нацијата закрепнува од рекордно високата инфлација и загриженоста за правецот во кој се движи земјата...

Под силно полициско обезбедување се пребројуваат гласовите од среднорочните избори во САД. Републиканците и демократите во неизвесна трка за власт во Конгресот. Според последните податоци, првите водат во Претставничкиот дом, а за Сенатот ќе бидат одлучувачки резултатите од Аризона и Невада, но и Џорџија каде што повторно ќе се гласа на шести декември бидејќи ниеден кандидат не го постигна потребниот праг за победа. Претседателот Бајден изрази подготвеност за соработка со републиканците независно од исходот. Истото го очекува и од спротивната страна.
„Нашата демократија е на тест изминатите години, но со своите гласови, американскиот народ уште еднаш докажа дека демократијата е тоа што сме. Додека печатот и експертите предвидуваат огромен црвен бран, тоа не се случи. Демократите имаа силна ноќ и изгубивме помалку места во Претставничкиот дом од сите демократски претседатели од првите среднорочни избори во последните 40 години“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
Контролата на Конгресот ќе биде клучен фактор за одредување на иднината на агендата на Бајден и ќе послужи како референдум за неговата администрација додека нацијата закрепнува од рекордно високата инфлација и загриженоста за правецот во кој се движи земјата.
„Имаше црвен бран, но тој почна на Флорида и заврши на Флорида. Тоа е навистина сè што добивме. Гласачите му ја дадоа Белата куќа на Џо Бајден во 2020 година и тие излегоа и гласаа повторно за демократите. Гласачите беа анимирани од прашањето за абортусот, а тоа навистина беше на радарот на многу анкети што беа објавени“, изјави Тод Белт, Професор на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
Во меѓувреме, на изборите во Пенсилванија победи починат кандидат. Демократот Тони ДеЛука кој 20 години беше локален претставник на оваа сојузна држава беше повторно избран со мнозинство гласови иако политичарот минатиот месец ја загуби битката со канцерот. Раководството на партијата напиша на Твитер: „Жалиме за загубата, но горди сме што со неговиот посмртен реизбор, гласачите ја покажаа вербата во него и неговата преданост кон демократските вредности“.
Маја С. Филдишев
