Чествување по повод Денот на примирјето од Првата Светска војна
Грешките од минатото не ги научивме, војната се врати во Европа. Веќе се води една агресорска војна, како војните што сме ги запознале. Ние не можевме да ја спречиме, но не ја прифаќаме...

Грешките од минатото не ги научивме, војната се врати во Европа. Веќе се води една агресорска војна, како војните што сме ги запознале. Ние не можевме да ја спречиме, но не ја прифаќаме. Затоа годинешнава порака од чествувањето на Денот на примирјето од Првата Светска војна добива уште поголемо значење. Истовремено за вашата земја, во текот на оваа година многу нешта се променија, порача од француските гробишта амбасадорот Бомгартнер.
„Ова лето со поддршка на француското претседателство со Советот на ЕУ и со помош на цела Европа, вашата земја доживеа отворање на европските перспективи. Од една страна имаме настани што нè носат во едно мрачно минато, од друга страна развој што нè влече кон подобра заедница“, изјави францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.
Од 400.000 илјади француски војници, околу 70.000 никогаш не се вратија. Сличен сооднос и на мобилизираните околу 226.000 Македонци, кои беа принудени да се борат на одредена страна. На новинарско прашање како гледаат на пласираните тези дека бугарската војска водела праведна војна, и тој и неговиот германски колега со дипломатски одговор.
„Денес сме тука да оддадеме почит на сите паднати борци во Првата Светска војна и сите тие имале свои фамилии, мајки, татковци, деца, тука не сме за да процениме кој каква војна водел, туку да оддадеме почит кон загинатите војници и цивили“, рече Ото Граф, вршител на должноста амбасадор на Германија во земјава.
Инаку, чествувањето на примирјето започна од синоќа со отворање на репродукцијата на дела на францускиот уметник Пејрисак на дел ѕидовите од холот во општинската зграда, а изутрината францускиот амбасадор го посети Ректоратот на битолскиот универзитет.
Стевче Митревски
