Плетач на кошници- занает интересен и за странците

26.04.2014 14:32

Дел од богатата традиција од нашето поднебје сигурно ќе си најде место во промотивните туристички списанија. За странците посебно се интересни старите занаети кои одвај преживуваат, а наследници има се помалку. Борка Богески од Прилеп малата пензија ја надополнува од продажбата на сплетените кошници...

Корпиња, кошничиња, разни плетени табли, ова е богатиот и уникатен асортиман на производи, кој и покрај своите 77 години, секојдневно ги произведува,  Борка Богески од Прилеп. Корпињата ги плете исклучиво од дрвото врба од сортата ракида, која ја собира по реките.

„Треба прво да ја набереш, па да ја донесеш дома, потоа се лупи со примитивни алатчиња кои ги имам и започнувам со плетењето. Пример едно коше мало и табленце доколку претходно ми се подготвени сите материјали го плетам за едно 3 часа“, вели Борка Богески, плетач на кошници.

Занаетот го научил од својот дедо, кој бил познат плетач на кошници во целиот крај. Сега и неговиот внук многу се интересирал за занаетот и планира да му го остави него. Единствена желба му е да не изумре ова ракотворство.

„Јас сакам тој занает да не  умре, младите да се учат, затоа што ова е украс и се е изработено од природни материјали“, дадава Богески.

Корпињата ги продавал најмногу на туристи. Покрај пензијата тоа му е дополнителен приход.

„Кога ќе дојдат некои туристи, дали во Охрид, дали Битола, дали во Прилеп, јас одам таму, особено во лето одам на плажите во Охрид и ги продавам корпињата, едно корпе тогаш можам да го продадам и по 10 евра“, истакнува Богески.

Богески вели дека корпињата ќе ги плете додека е жив, им порачува на сите млади да научат по некој занает затоа што вели дека колку човек повеќе знае толку и повеќе ќе има во животот.

 

Дарко Штаргоски