Руско-украински конфликт

Украинските трупи напредуваат кон Херсон, руските сили се повлекуваат

11.11.2022 12:27

Украинската војска напредува околу Херсон, но тоа не значи и крај на војната. Русија сè уште во регионот има распоредено војници. Зеленски вели дека не ја затворил вратата за потенцијалните мировни преговори со Москва, но под услов да разговара со земја која е подготвена за мир. Кремљ пак сака остварување на целите...

И покрај тоа што украинската војска постигнала голем напредок околу Херсон, откако Русија објави дека се повлекува, од Вашингтон велат дека тоа не значи и крај на војната. Москва и натаму има околу 40.000 војници во регионот и тие се присутни во и околу градот. Киев тврди дека украинските војници зазеле клучен дел од градот. Во меѓувреме гранатиран Миколаев со ракети С-300. При нападот, погодена е петкатна станбена зграда. Има загинати и повредени.

„Пред да заспијам ги слушнав експлозиите. Станав и ја отворив вратата. Имаше прашина, се беше зачадено. Излегов во ходникот, се беше урнато. Си помислив, не може да биде вистина“, рече жител на руинираната петкатница во Миколаев.

Откако ќе престанат борбите, ќе бидат потребни години за да се исчисти Украина од сите мини и неексплодирана муниција, вели украинскиот Претседател Зеленски. Според него, новиот пакет воена помош од САД е токму она што му е потребно на Киев за напредок во војната.

„Првата и основна работа е деминирањето. Окупаторите оставаат зад себе илјадници мини и неексплодирана муниција. Често слушам проценки дека чистењето на Украина од руските мини ќе трае со децении. Не можеме да чекаме толку долго“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Двете страни се далеку од мировни преговори, но првиот човек на НАТО алијансата убеден е дека клучот за политичките преговори е континуираната воена поддршка за Украина.

„Верувам дека во некоја фаза оваа војна ќе заврши на преговарачка маса, како што прават речиси сите војни. Во исто време знаеме дека она што Украина може да го постигне околу преговарачка маса е нераскинливо поврзана со силата на бојното поле“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Украинскиот претседател дециден, не ја затворил вратата за потенцијалните мировни преговори со Русија, но под услов да разговара со земја која е подготвена за мир. Според него, важно е русите да вратат се, земјата, правата, слободата, парите и правдата. Од Кремљ со став, специјалната воена операција во Украина ќе биде завршена по постигнување на целите или постигнување на мирни преговори.

„Специјалната воена операција во Украина може да се заврши по постигнување на нејзините цели, или со постигнување на мировни преговори. Поради позициите преземени од украинската страна, мировни преговори се невозможни“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во светот деновиве се одржуваат неколку самити на кои главна тема се економските предизвици и инфлацијата, климатските промени и војната во Украина. Идната недела на самитот на Г-20 во Индонезија, рускиот претседател го откажа учеството, но сепак украинскиот ќе присуствува.

Маријана Димовска