Украина-Русија: Пред точка на зовривање
Во Славјанск се распоредуваат украински воени транспортери, а на небото провоцираат руски ловци...
Истокот на Украина е пред точка на зовривање. Во Славјанск се распоредуваат украински воени транспортери, а на небото провоцираат руски ловци.
„Руски воени авиони денеска и ноќеска го повредија украинскиот воздушен простор седум пати. Бараме Русија да ја повлече војската и да престане да провоцира и да ги поддржува руските терористи“, изјави Арсениј Јаценјук, премиер на Украина.
Претседателот Олександар Турчинов побара Москва да одговори зошто поддржува тероризам, мислејќи на синоќешното киднапирање на 13 набљудувачи на ОБСЕ. Проруските сепаратисти одбија да ги ослободат, иако на еден му е итно потребна лекарска помош.
„Уапсивме разузнавачи од земји членки на НАТО. Имаа мапа со сите контролни пунктови. Ова е доказ за разузнавачки активности под маската на ОБСЕ“, изјави Вјачеслав Пономарев, самопрогласен градоначалник на Славјанск.
Групата 7 најразвиени земји постигна договор за нови санкции против Русија. Може да бидат воведени уште во понеделник.Самопрогласената Доњецка република и Луханск се подготвуваат за референдум за отцепување, истовремено со украинските избори.
„Прашањето ќе биде следното: поддржувате ли независност на Доњецката народна република? Има два одговора: да или не“, смета Денис Пушилин, ко-претседател на самопрогласената влада на Доњецк.
Додека Русија изведува воени вежби на украинската граница, контингент од 600 американски војници пристигна во Литванија за да биде распореден во балтичкиот регион. Претходно, војници на САД пристигнаа во Полска, а треба да допатуваат и во Летонија и во Естонија.
Ивана Салтировска
