Руско-украински конфликт

Украинците слават откако го вратија Херсон

12.11.2022 16:45

Се слави во Херсон, единствениот окупиран регионален центар во војната. Русија ги позиционираше силите на левата обала на днепар и соопшти дека градот геническ ќе функционира како привремена престолнина на херсонската област..

Славје во Херсон по повлекувањето на руските трупи од единствениот регионален центар освоен во војната и нивното репозиционирање на левиот брег на реката Днепар. Жителите се собраа на централниот градски плоштад каде што беше изведена украинската химна.

„Поздрав од Херсон!

„Истрпевме, чекавме! Ве чекавме само вас!“

„За нашата иднина!“

„Разбирам дека ви недостасуваат вашите домови и сакате да се вратите таму што е можно поскоро. Но, пријатели, ве молам да почекате уште малку. Многу е небезбедно овде во моментов. Постои голема веројатност дека непријателот ќе пука на населени места кои сè уште не се деокупирани“, порача Јарослав Јанушевич, шеф на регионалната државна воена управа Херсон.

Американскиот државен секретар, Блинкен, на маргините на Самитот на асоцијацијата на земјите од југоисточна Азија во Пном Пен, се сретна со украинскиот министер за надворешни работи.

„Се среќаваме во време кога Украина штотуку го ослободи градот Херсон во регионот. Силна поддршка што Украина ја има од земјите ширум светот, вклучувајќи ги, се разбира, САД. Поддршка која ќе продолжи, онолку долго, колку што е потребно. Безбедносна, хуманитарна, економска“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Украинскиот министер за надворешни работи, Кулеба, ја обвини Москва дека игра „игри со глад“ со светот, бидејќи го блокира извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море. Побара политичка и материјална поддршка за Украина.

„Само заедно ќе можеме да победиме и да ја исфрлиме Русија од Украина. На пат сме. Ова доаѓа. И нашата победа ќе биде наша заедничка победа. Победа на сите мирољубиви народи ширум светот. Ви благодариме“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Најмалку седум мостови, од кои четири минуваат преку реката Дњепар, биле уништени во последните 24 часа откако руските сили се повлекле од западниот брег на Днепар. Русите соопштија дека градот Геническ ќе функционира како привремена престолнина на Херсонската област. Во меѓувреме, Украина почна да гради бетонски ѕид на граница со Белорусија.

Марина Ристова