Македонија

Османи за Законот за здруженија и фондации: Да не и се даваат дополнителни аргументи на Софија

12.11.2022 16:55

По најавата дека Законот за здруженија и фондации ќе се прати на мислење во Венецијанската комисија, шефот на дипломатијата Османи вели дека за него е спорно ретроактивното важење на решението. Тој открива дека Бугарија почнала кампања пред меѓународните институции и затоа, не треба да ѝ се даваат дополни аргументи на Софија за наводно загрозување на правата на заедниците …

На разгледување пред Венецијанската комисија ќе оди новиот Закон за здруженија и фондации којшто е во подготовка, а не измените коишто поминаа во Собранието, иницирани по формирањето на клубовите на здруженијата „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. За министерот Османи, спорно е ретроактивното важење, но ако го помине филтерот на Венецијанската комисија и добие меѓународна верификација, вели, тоа ќе значи дека оние што мислат поинаку ќе останат без аргументи.

Османи истакна дека на средбите во Софија е договорено да се интензивира комуникацијата меѓу двете земји, да се утврди календар за работа на тематските работни групи, но и да се прецизираат аспекти околу чествувањето на заедничките историски личности. Министерот информираше дека на почетокот на декември, во Скопје, ќе се организира бизнис-форум за да се одбележи рекордната трговска размена со Бугарија, која се очекува годинава да достигне милијарда евра.

 

Анита Димитријевска Велковска