Граѓанска контрола на превозниците преку платформата „е-транспорт“
Претставен новиот систем е-транспорт. Преку оваа платформа, граѓаните во секое време можат да проверат дали одреден превозник има лиценца, да добијат информација за возилата, за сертификатот на возачот. Ова треба да ја подобри контролата и да ги заштити корисниците од измами. Овој сегмент од транспортот беше под лупа на јавноста по несреќата со автобусот на Беса-Транс...

Граѓаните во реално време ќе можат да извршат проверка каков тип лиценци и дозволи имаат превозниците и возилата што ги користат, дали возачот кој го врши транспортот има соодветен сертификат. Владата презентираше веб платформа, наместо во хартиена форма како досега, електронски ќе разменуваат информации, за поголема контрола и одговорност во вршење на домашниот и меѓународен патен и товарен транспорт.
Ако живеевме во идеално време, кога сите ги почитуваат законите, системот немаше да биде потребен во функција – вака министерот за транспорт, го почна одговорот на прашањето, дали иницијативата се прави поради несреќата со Беса Транс во Бугарија, која однесе 44 патници, и ја отвори пандорината кутија со слабости и злоупотреби во вршење на транспорт, преку лажни изводи на лиценци, за којашто сè уште има многу прашања, малку одговори.
Сега власта уверува дека веднаш или на лице место, преку јавниот веб-портал „е-транспорт“ ќе се утврди валидноста на приложените документи од превозниците за да се спречат нелегални активности на сите учесници во превозот на патници и стоки.
Сузана Фиданска Стоевска
