Куманово годинава ќе штеди на зимско одржување
Надлежните очекуваат заштеда од околу 50 проценти. Пристигнаа специјалните возила обезбедени преку долгорочно задолжување. Сепак ќе мора да се ангажира дополнителен оператор, бидејќи градот е поделен на три зони. Претпријатието „Чистота и Зеленило“ нема капацитет само да го покрие...

Општина Куманово ќе штеди пари за зимско одржување, бидејќи преку долгорочно задолжување се обезбедени специјални возила. Од локалната самоуправа информираат дека сепак градот кој е поделен на три зони за одржување, ќе мора да ангажира дополнителен оператор, но проценките се дека ќе се овозможи над 50 проценти заштеда.
„Вкупниот износ на средства коишто ги користевме во минатото, за зимско одржување во моментов се преполовени и доделени на ЈП „Чистота и Зеленило“ кои претпријатието ќе ги користи дел за одржување на јавни прометните површини и тротоари во централно градско подрачје, во близина на училишта и дополнително дел од средствата за обезбедување на дополнителни материјали за зимско одржување, сол“, изјави кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Опремата за зимско одржување којашто ја набави општината преку долгорочно задолжување од Светска банка, веќе е пристигната. Набавена се три возила коишто имаат специјална намена за чистење на снег.
Дел од опремата е под-заем со Министерство за финансии, во рамките на средствата обезбедени со проектот подобрување на општинските услуги финансиски поддржан со заем од Светска банка.
Општина Куманово обезбеди и грант средства преку долгорочно задолжување преку Светска банка со кои ќе набави опрема за одржување, складирање, транспорт и изнесување на смет.
Елена Георгиевска
