Македонија

Во Тетово се пробива булеварот „Благоја Тоска“

12.11.2022 18:12

Градоначалникот најави дека в понеделник ќе се урне и последниот објект. Но, сопствениците на куќата тврдат дека одлуката на општината е незаконска зашто треба да се прави супер-вештачење. Немаат намера да го напуштат објектот...

Не излегуваме од нашата куќа, вели семејството Рушити, откако вчера градоначалникот Биљал Касами, изјави дека во понеделник ќе се урне и последниот објект, каде треба да се пробие Булеварот Благоја Тоска.

Ислам Рушити тврди дека има цела документација, со која може да докаже дека одлуката на Касами е незаконска.

Минатиот месец тетовскиот суд, донесе решение за супер вештачење, со кое треба да се определи висината на средствата за оштета на семејството, кои треба да ги исплати општината. Предметот е во Министерството за правда, процесот не е завршен, а општината најавува уривање, вели Рушити.

Семејството Рушити бара дозвола за градба на локација веднаш до нивната стара куќа, но и поголема сума од таа која ја одредила локалната самоуправа. Општината ги пуштила парите на сметка, но по барање на семејството, судот донел одлука средствата да се повлечат.

Градоначалникот Касами, вели дека сите законски процедури се завршени, нема пречки да се урне објектот, за што веќе побарал и асистенција од полицијата.

Булеварот Благоја Тоска со децении чека пробивање, но пречка се имотите, каде треба да поминува оваа делница.

Зоран Димовски