Бајден: Повторно имаме мнозинство, неверојатно сум задоволен
Демократите на Бајден може да здивнат. Изборната победа на Кетрин Кортез Масто во Невада им овозможи и понатаму да го имаат Сенатот. Ќе контролираат најмалку 50 места, со одлучувачки глас на заменик - претседателката Камала Харис, а по новото гласање во Џорџија може да стигнат и до 51 сенатор. Шефот на Белата куќа е задоволен од резултатот, иако републиканците се очекува да имаат контрола над Претставничкиот дом на Конгресот...

Демократите ќе ја задржат контрола на американскиот Сенат откако победија во клучната изборна трка во Невада. Сенаторката Кетрин Кортез Масто го победи нејзиниот републикански противкандидат,Адам Лаксалт, кој беше поддржан од поранешниот претседател Трамп. Американскиот претседател Бајден, рече дека е задоволен и дека е време републиканците да одлучат „кои се“.
„Повторно имаме мнозинство. И сега се фокусираме на Џорџија. Се чувствуваме добро со постигнатото. Јас сум оптимист и сум неверојатно задоволен. И мислам дека тоа е одраз на квалитетот на нашите кандидати, и сите тие се кандидираат на иста програма. Затоа се чувствувам добро и со нетрпение ги очекувам наредните неколку години“, изјави американскиот Џо Бајден.
Водачот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, рече дека резултатите покажале оти американскиот народ ја отфрлил, како што ја нарече, „насилната реторика“ на Републиканската партија.
„Изборите се голема победа за американскиот народ. Со трката во Аризона и Невада, демократите ќе имаат мнозинство во Сенатот и јас повторно ќе бидам лидер на мнозинството. Овие избори се победа и оправдување за демократите, нашата агенда и за Америка и за американскиот народ“, изјави Чак Шумер, водач на мнозинството во американскиот Сенат.
И покрај предноста на републиканците, пресудно беше броењето на гласовите преку пошта, кои ги фаворизирале демократите.
Резултатот од Невада им овозможи на демократите да дојдат до најмалку 50 места, додека републиканците во моментов имаат 49 места. Дури и републиканците да победат во Џорџија, каде на 6-ти декември ќе има втор круг, демократите ја имаат предноста затоа што во случај кога е израмнето, пресудниот глас го има потпретседателот на САД, Камала Херис, која е членка на Демократската партија.
Марина Ристова
