19 кандидати за организација на ЕУРО 2020-ТА!
Покрај Скопје и „Националната арена Филип втори“ кандидатура истакнаа само уште 18 градови и земји...

Има ли шанси Македонија да биде домаќин на репрезентативен натпревар од највисоко европско ниво? ФФМ вчера со поддршка на Владата на Република Македонија и официјално се кандидираше за организација на дуел од фазата по групи на Европското првенство во 2020-та, но проценките дека тоа ќе го направат 32 земји не се остварија, напротив конкуренцијата е неочекувано мала.
Покрај Скопје и „Националната арена Филип втори“ кандидатура истакнаа само уште 18 градови и земји и тоа: Баку - Азербејџан, Минск – Белорусија, Брисел – Белгија, Софија – Бугарија, Копенхаген – Данска, Лондон - Англија, Минхен – Германија, Будимпешта – Унгарија, Ерусалим – Израел, Рим – Италија, Амстердам - Холандија Даблин – Република Ирска, Букурешт – Романија, Санкт Петербург – Русија, Глазгов – Шкотска, Билбао – Шпанија, Стоклхолм - Шведска и Кардиф – Велс.
За финалниот пакет којшто ја вклучува организацијата на двата полуфинална меча и натпреварот за трофејот, конкурираат само лондонски Вембли и Алианц арена во Минхен. Конечната одлука којашто ќе биде почеток на реализацијата на идејата на претседателот Мишел Платини повеќе земји да бидат домаќини на континенталниот шампионат, УЕФА ќе ја донесе на 19 септември во Истанбул.
