Ковачевски: Новиот закон нема да оди пред Венецијанската комисија
Не е спорна проверка од европските институции оти и онака се наоѓаме во скрининг процес – премиерот Ковачевски најави дека Владата ќе расправа за изменетиот Закон за здруженија и фондации, но новото решение нема да го прати во Венецијанската комисија. ВМРО-ДПМНЕ бара спроведување на изгласаното во Собрание....

Разногласие во Владата за Законот за граѓански здруженија.
Откако министерот за правда, Тупанчески, најави дека пред Венецијанската комисија ќе се најде целосно новиот закон кој е во изработка, пред да биде пуштен во собраниска процедура, премиерот Ковачевски пресече – решението нема да оди на проверка во Комисијата. Шефот на Владата, смета дека како држава имаме изградено висок степен на демократски капацитет во заштитата на човековите права, а и билатералниот скрининг е започнат, процес во којшто нашето законодавство е под лупа на Брисел. Но, тој најави дека Владата ќе разговара за измените коишто ги донесе Собранието.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се плашат од мислењето на Венецијанската комисија, но предупредуваат дека Собранието ги донесе законските измени и тие треба и да се спроведуваат.
За министерот Османи добро е законот да се прати на оценување, бидејќи со тоа земјата ќе има аргумент контра Бугарија која пред меѓународните институции покрена кампања дека во земјава се кршат човековите права.
Миле Ристески
