Македонија

Итна седница на Собранието за студентите, бара Демократскиот сојуз

13.11.2022 16:59

Пред протестот на студентите, најавен за утре и средбата со министерот за образование Шаќири за студентскиот оброк, партнери од владината коалиција бараат итна собраниска седница. Забелешки имал и премиерот Ковачевски. Од ЛДП негираат дека ќе се укине студентскиот оброк, но признаваат дека има законска празнина поради којашто настанал проблемот...

Пред најавениот протест на студентите и средбата со министерот за образование Шаќири, на којашто ќе се разговара за проблемите со коишто се соочуваат, владини коалициски партнери бараат во итна собраниска седница на која ќе се дискутира за студентскиот стандард. Од партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов велат дека не може да се предлага закон за субвенционирање на студентскиот оброк или да се менува оној за високо образование без да се консултираат студентите и универзитетите.

„Субвенционирање на студентскиот оброк, замрзнување на цените во студентските ресторани и домовите за сместување, исклучување на студентските домови и факултетите од мерките за штедење енергија, зголемување на студентските кредити и стипендии, се минимум услови кои државата треба да ги обезбеди за сите студенти без исклучок“, се вели во соопштението од Демократскиот сојуз.

Забелешки имал и премиерот Ковачевски.

Пратеничката од ЛДП Зајкова негира дека се планира укинување на студентскиот оброк, но признава дека има законски празнини поради кои настанал проблемот.

„Измените на законот го нарушија целиот концепт и го сведоа на ниво на финансиска поддршка. Бидејќи и по цела година од страна на Министерство за образование и наука не беше воспоставен систем за имплементација, а преодната одредба истече се соочивме со вакуум период кога студентите не ја користат мерката поради законска празнина“ – вели Зајкова.

Иако законските измени беа повлечени по реакциите дека со нив, правото на студентски оброк го губат апсолвентите, оние со стипендии и оние чиишто родители имаат примања над 18 илјади денари, сепак, студентите за в понеделник закажаа протест.

Анита Димитријевска Велковска