Експлозија во Истанбул - најмалку 6 загинати и над 50 ранети
Силна експлозија на бомба одекна во центарот на Истанбул, кај плоштадот таксим. Има најмалку 6 загинати и над 50 ранети. Претседателот Ердоган се сомнева дека станува збор за терористички акт. Се случил и напад во метрото, каде што бил отворен оган, но полицијата го застрелала осомничениот. Од македонското МНР велат дека досега не се пријавени наши државјани кои побарале помош. Претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски изразија сочувство...

Загинати и повредени во експлозија во центарот на Истанбул. На социјалните мрежи се појави видео на коешто е фатен моментот на детонацијата на фреквентната туристичка авенија Истиклал, кај плоштадот Таксим.
Експлозијата се случила нешто по 16 часот по локално време, кога на улицата имало многу луѓе. На местото на настанот, веднаш биле распоредени многу полициски екипи, надлетувал хеликоптер, интервенираа пожарникари и возила на брзата помош за транспорт на повредените во болница.
Властите спроведуваат истрага. Претседателот Ердоган се сомнева дека станува збор за терористички напад и откри дека според првичните сознанија, извесна жена била поврзана со настанот. Тој се закани дека сторителите ќе бидат казнети. Очевидци сведочат за хаосот што настанал веднаш по експлозијата.
„Седев во близина на џамијата, експлозијата се случи на 50-ина метри од нас. Имаше голема бучава и црн чад. Луѓето почнаа да бегаат во паника. Видов неколкумина како лежат на земја. Им реков да не паничат. Веднаш пристигна полицијата и им рече на луѓето да го напуштат местото, зашто може да експлодира уште една бомба. Експлозијата беше силна“, вели Кемал Денизи, очевидец.
Оваа улица е популарна меѓу туристите и локалното население, зашто во неа има низа продавници и ресторани. На оваа авенија во 2016 година, се случи терористички напад од бомбаш-самоубиец.
Македонскиот премиер Ковачевски изрази сочувство, а од нашето МНР рекоа дека досега нема наши државјани кои побарале помош, но оти Конзулатот и Амбасадата се ставени во вонредна функција.
Мартин Пушевски
