Постизборниот период – нова шанса за преговорите
Блокадата од Грција – единствена пречка за членство на Македонија во Европската унија и во НАТО, анализираат експерти за МТВ. По пет позитивни извештаи, пост изборниот период –нова шанса за интензивни преговори...

Проблемот со името што Грција и го наметнува на Македонија е единствената пречка зошто нашата земја не е членка на ЕУ и на НАТО. Иако ги исполни сите критериуми, сепак изостанува поканата за почеток на преговорите, а тоа е поради притисокот што го прави нашиот јужен сосед врз меѓународната заедница цврсто лобирајќи дека е конструктивен преговарач за името, што наполно не е точно – анализираат експерти за МТВ.
„Не е спорно дека Македонија сигурно чекори напред према НАТО и ЕУ, тоа го признава и Брисел. Меѓутоа кога ќе дојде на Европскиот совет, каде се одлките политички, а не се работи за исполнување на потребниот квантум на критериуми, доаѓа до блокада на нашето унапредување, а тоа е една реалност со која мора да бидеме соочени. Меѓутоа, сето она што го постигнува Македонија е неспорно, а оние кои се непријателски, да речам, наклонети према Македонија го признаваат тоа“, вели за МТВ аналитичарот Ристо Никовски.
Петте позитивни извештаи на Европската комисија се релевантен показател дека земјата може да продолжи напред кон интеграцијата – смета професорот Славевски.
„Сега за сега се блокирани работите, и за евентуално поместување понатаму е потребно да има подготвеност од двете страни, и од македонската и од грчката, да направат одреден компромис, меѓутоа исто така е потребен еден посилен меѓународен притисок за да можат работите да се движат напред“, вели универзитетскиот професор Стојан Славевски.
Визната либерализација е само една од придобивките што ги чувстуваат граѓаните, а која следуваше откако европскиот фактор констатира дека земјата напреднала во реформскиот процес, велат експертите. За полноправно членство сепак мора да се постигне договор со Грција, иако тоа е невозможно да се реализира за време на нејзиното претседавање со Унијата. Во постизборниот период експертите гледаат нова шанса за Македонија кога ќе се заокружат преговарачките линии со кои ќе истапи во новата рунда преговори.
Анита Димитријевска
