Гран при за Никола Ристановски на фестивалот во Никшиќ
Гран при наградата на фестивалот за најдобра машка улога му беше доделена на актерот Никола Ристановски за улогата на д-р Стокман. Претставата е во режија на Нина Николиќ.

Со претставата „Народен непријател“, Македонскиот народен театар учествуваше на 18-от Меѓународен фестивал на актерот во Никшиќ. Гран при наградата на фестивалот за најдобра машка улога му беше доделена на актерот Никола Ристановски за улогата на д-р Стокман. Претставата е во режија на Нина Николиќ.
Наградата му ја додели жирито во состав: Тања Бошковиќ, претседател, и Славиша Чуровиќ и Тања Перишиќ, членови. Ова е трета награда по ред за истата улога по оние на МТФ „Војдан Чернодрински“- Прилеп, и на фестивалот „Нов тврдина театар“- Србија. Истовремено таа е и уште една театарска награда во низата награди која тој ги добива, а со тоа е и најтрофејниот актер во историјата на македонскиот театар.
Натпреварувачкиот дел на Фестивалот се одржуваше од 7 до 12 ноември, на него беа изведени 6 театарски претстави од Црна Гора и регионот (Р.Србија, Р.Хрватска, БиХ и РС Македонија), а на 13 ноември се доделија наградите и фестивалот беше затворен со изведба на претставата „Народен пратеник“ во продукција на Никшиќко позориште, а во чест на наградените.
Во претставата „Народен непријател“ играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска/ Лана Грпчевски, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски,Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.
Следните изведби на „Народен непријател“ се закажани во МНТ на 24 и 25 ноември.
