Расте произовдството на мед, но не и потрошувачката
Со просечно производство од 15 килограми мед по кошница, Македонија е на самиот врв според производството, но не и по потрошувачката. Згора на ова, нелојалната конкуренција и увозот, го намалуваат реномето на нашиот мед кој важи за еден од најквалитетните...

2 милиони килограми мед е годишната продукција на македонските пчелари. Расте интересот, за овој, како што велат пчеларите, се поисплатлив бизнис. Во 2007-ма ,според официјалните бројки има 58.307 регистрирани пчелни семејства, а во 2012 овој број достигнал 75 илјади. Домашните експерти велат дека и покрај оваа продукција на мед, Македонија повеќе увезува отколку што извезува.
„Имаме увоз на мед. Е сега, пред се од економска гледна точка, Македонците не секогаш си допуштаат да купат тегла мед, таа за нив е скапа, а за нас пчеларите, тегла мед е евтина“, вели Игор Илков- Здружение за заштита на македонската автохтона пчела.
Проблем за домашните пчелари е и нелојалната конкуренција и вештачкото производство, но и нереалните цени кои им го руши производството.
„Се врши некое, да речам, нелагално производство, на инверти, се мешаат инвертен шеќер и гликоза со мед и се продаваат како вистински мед по цена половична од вистинската“, додава Илков.
Преку седумте одобрени и регистрирани објекти за откуп, преработка и за пакување на производи на пчели и мед во 2009-та поминале 1.528 тони мед, а во 2012, 1.615 тони. Просечното производство на мед од кошница во земјава се движи околу 15 килограми годишно.
Катерина Давчева
