Поскапува цената на геотермалната вода во Кочани
Кочанскиот регион е богат со геотермална вода со температура од 114 степени. Концесијата ја има „Геотерма“ која е дел од Јавното претпријатие „Водовод“ и ја испорачува на корисниците за загревање. Заради рентабилно работење, Советот на Кочани денес изгласа повисока цена на геотермалната вода...

Советот на Општина Кочани ја поддржа одлуката на Управниот одбор на ЈКП „Водовод“ за покачување на цената на геотермалната вода од 33 на 61, 9 денари за метар кубен. Скапата струја, планираната репарација на постојната и набавка на нова потопна пумпа, како и обнова на изолацијата на цевководот за дистрибуција на геотермалната вода се причините за поскапувањето.
И со новата цена Работната единица „Геотерма“ проектира загуби од околу два милиони денари годишно. По најавата за поскапување, четиринаесет компании потпишаа преддоговори за користење на термалната вода, а три оранжериски комплекси најавија откажување на услугите на „Водовод“.
Минатата година биле испорачани 467 илјади кубни метри геотермална вода и е остварен приход од 15,8 милиони денари. Освен оранжериите, овој енергенс го користат и две основни училишта и кочанската гимназија.
Славица Величковска
