Сиријка осомничена за нападот во Истанбул
23-годишна Сиријка осомничена за нападот во центарот на Истанбул. Ахлам Албашир признала дека наредбата ја добила од Курдската работничка партија. Засега нема информации за настрадани или повредени македонски државјани, информираа од МНР...

Турската полиција уапси жена осомничена за бомбата на прометната пешачка улица во Истанбул, заедно со лицето обвинето за организирање на заговорот. Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу рече дека првите наоди од истрагата укажуваат дека за смртоносниот напад се одговорни курдските екстремисти.
„Знаеме каква порака сакаат да ни ја дадат сторителите на оваа акција. Нашиот одговор ќе биде многу јасен за сите оние кои навидум се однесуваат како пријатели, кои ги кријат сите терористи во својата земја, областите со кои владеат“, изјави Сулејман Сојлу, турски министер за внатрешни работи.
Во врска со експлозијата се приведени над 46 луѓе, а првите наоди од истрагата упатуваат на ПКК и нејзиниот огранок во Сирија. Граѓаните оставаат каранфили на улицата „Истиклал“.
„Сметаме дека станува збор за терористички чин што се случил на оваа раскрсница како резултат на напаѓач, за кого сметаме дека е жена, активирајќи бомба. Врз основа на досега добиените информации. Кој и да стои зад овие акции, ќе биде фатен исто како што ние ги фативме другите терористи“, изјави Фуат Окта, потпретседател на Турција.
Претседателот Ердоган рече дека не прифаќа сочувство од САД за инцидентот. Инаку турски суд го одобри привременото затемнување што го побара Министерството за туризам и култура на земјата за покривање на експлозијата, повикувајќи се на причини за јавен ред и национална безбедност. Наредбата бара од медиумските организации да избегнуваат преноси што можат да создадат страв, паника и превирања во општеството и кои можат да им служат на целите на терористичките организации.
Во експлозија на авенијата Истиклал, во близина на познатиот плоштад Таксим во Истанбул, загинаа шест лица, а над 80 се повредени.
Марина Ристова
