МРТ и ЗНМ потпишаа Меморандум за соработка
Македонската телевизија и Здружението на новинарите потпишаа Меморандум за соработка со кој новинарите, снимателите и останатите вработени во јавниот сервис во наредниот период преку обуки ќе ги усовршуваат вештините и знаењата. Овие обуки ќе придонесат за кревање на квалитетот на содржините што се емитуваат, но и за градење на капацитетите во рамки на јавниот сервис.

Новинарите, снимателите и останатите професионалци од МТВ кои сакаат да ги усовршуваат своите знаења четири пати во годината ќе учествуваат на обуки кои ги организира еснафското здружение. Ова го предвидува меморандумот за соработка потпишан меѓу ЗНМ и МТВ. Предавањата, велат од здружението, ќе ги реализираат луѓе докажани во фелата кои знаат како да ги пренесат искуствата што ги имаат.
„Ние се обврзуваме во периодот пред нас да реализираме постојани обуки за професионализација и постојано надградување на стандардите во работењето на МРТ, како предуслов постојано да се крева квалитетот на содржините, на она што се работи но и на градење на капацитетите на самата МРТ“, изјави првиот човек на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Јавниот сервис е огледало на секое вистински демократско општество, рече одговорната уредничка на првиот програмски сервис Анета Андонова, која потенцира дека продлабочувањето на соработката со ЗНМ значи инвестиција во квалитетно новинарство.
„Контекстот на потпишувањето на овој меморандум е во корелација со улогата и мисијата на јавниот сервис, а тоа е да го поддржува и поттикнува секој облик на домашно аудиовизуелно медиумско творештво, притоа да понуди веродостојност, квалитет и транспарентност во своите содржини“, нагласи Анета Андонова, одговорен уредник на Првиот програмски сервис на МТВ.
„Кога ќе ги зближиме нашите искуства, мислам дека тоа ќе придонесе да произведуваме многу поквалитетна програма и на МРТ, а ќе имаат корист и приватните медиуми“, додава Еран Хасип, одговорен уредник на Четвртиот програмски сервис на МТВ.
Новинарите и снимателите од Јавниот сервис веќе учествуваа на неколку обуки во соработка со ЗНМ, со акцент на битката против дезинформациите како и теми за подготовка и развивање на истражувачка сторија.
Анита Димитријевска Велковска
