Агелер: Вашата земја и граѓаните направија повеќе од доволно за да ги отворат преговарачките процеси
Приоритетите на САД во регионот се јасни и непроменети. Продолжуваме да се залагаме за мир што ќе придонесе за просперитет и стабилност на балканските држави на патот кон евроатлантска интеграција. Ова во Охрид на отворањето на меѓународната конференција под наслов „Објективот на младите за мир и помирување“ го рече американската амбасадорка во нашата земја, Анџела Прајс Агелер…
Вашата земја и граѓаните направија повеќе од доволно за да ги отворат преговарачките процеси, а влегувањето во ЕУ, државата ќе ја направат по просперитетна и постабилна. Ова во Охрид на настанот именуван како „Отпорен мир“ го рече американската амбасадорка во нашата држава, Анџела Прајс Агелер при што посочи дека земјата има голем потенцијал за економски напредок, подемократски институции и транспарентен судски систем, но дека ништо не може да се направи без младите.
„Морам да ве охрабрам да станете новите лидери што ќе ја креирате иднината што вие ја сакате за вашите заедници. За разлика од постарите генерации вие гледате со надеж кон иднината затоа што вие можете да создадете просперитет и стабилност во регионот. Вие можете да донесете мир на патот кон Европа“, Анџела Прајс Агелер-амбасадорка на САД.
На собирот на кој учествуваат 50-тина младински лидери од регионот се разговараше за влијанието на војната во Украина врз младите, но и за заложбите да се сочува мирот и соживотот на Балканот.
„Има појава на некои екстремистички, националистички групи, меѓутоа за среќа тие се сè уште маргинализирани, не се прифатени од големиот дел на млади луѓе и се надевам дека така ќе остане. Наша задача како граѓански сектор е да се потрудиме и работиме на тоа да остане така“, вели Методија Стојчески-извршен директор на Младински сојуз Крушево.
„Ние младите луѓе можеме повеќе да соработуваме, да ги посетуваме местата меѓу себе и така да придонесуваме за мир. Политичарите и медиумите се тие коишто ги создаваат тие проблеми, а не ние младите“, додава Гентрит Красниќи- Младинска организација за едукација и образование на Косово.
„Севкупната ситуација на Косово и политичкото влијание создаваат тензии што се одразува на сите младински заедници. Би сакала да имаат помало влијание,но тоа е невозможно кога се во тек сите овие случувања во последно време. Многу е важно да ги разбереме другите коишто се во нашето опкружување“, вели Мануела Петровиќ, Младинска организација од Грачаница- Косово.
На конференцијата се разговара и за се поголемото иселување на младите од регионот. Тоа како што беше речено е резултат на зголемената сиромаштија, која од друга страна поттикнува размислувања дека за тоа е виновна некоја друга етничка или религиозна заедница, нешта кои мора да се превенираат.
Сашо Нелоски
