Индонезија

Самит на Г-20: Во фокус средбата меѓу Бајден и Џипинг

14.11.2022 14:53

На Бали се одржува Самитот на Г-20. На маргините, двете водечки светски економии предводени од американскиот претседател Бајден и кинескиот колега Си Џипинг на заедничка маса. На самитот едно празно столче – рускиот претседател Путин ја откажа посетата. На Г-20 учествува шефот на руската дипломатија Лавров. Експресно ја демантираше информацијата дека е хоспитализиран поради здравствени проблеми...

Во услови на зголемени цени на храна, гориво, недостаток на енергенси, воен конфликт во Украина и нуклеарни закани, на Бали се одржува Самитот на Г-20. На маргините, двете водечки светски економии предводени од американскиот претседател Бајден и кинескиот колега Си Џипинг на заедничка маса.

„Односите меѓу Кина и САД се во ситуација што сите нас не загрижува. Како лидери на двете главни економии треба да го зацртаме вистинскиот курс и да ја најдеме вистинската насока за билатералните односи“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.

Двајцата лидери разговараа за тоа како одговорно да управуваат со меѓусебните односи и да соработуваат онаму каде што нивните интереси се совпаѓаат, се вели во соопштението на Белата куќа. Џо Бајден истакна дека неговата цел е да ги спречи двете земји да војуваат.

„Кина и САД можат да управуваат со разликите и да работат заедно на глобалните прашања. Светот очекува, Кина и САД да играат клучни улоги во справувањето со глобалните предизвици од климатските промени до несигурноста на храната и ние да можеме да работиме заедно“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

На самитот едно празно столче – рускиот претседател Путин ја откажа посетата. На Г-20 учествува шефот на руската дипломатија Лавров. Експресно ја демантираше информацијата дека е хоспитализиран поради здравствени проблеми.

„Западните новинари треба да бидат поискрени отколку што се, почесто да ја пишуваат вистината и да не се ограничуваат во своите извештаи само на една гледна точка“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Лидерите на 20-те најразвиени економии најверојатно ќе се обидат да извршат притисок врз Русија да го продолжи договорот со кој ќе се овозможи транспорт на украински жито и ѓубриво преку Црно Море по истекувањето на сегашниот договор на 19-ти ноември.

„Семејствата се загрижени дека нема да можат да стават храна на масата. Нема да можат да ги затоплат нивните домови. Овие предизвици се реални и само преку соработка, меѓу бизнисот и владите, граѓанското општество, можеме да создадеме вистински, трајни решенија“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.

Иако на самитот не е планирано да се разговара за конфликтот во Украина, сепак со видеопорака се очекува вклучување на украинскиот претседател Зеленски.

Маријана Димовска