Скопје-Север со ладни радијатори
Топланата Скопје-Север од вчера ја стопираше испораката на парно греење за своите корисници, бидејќи како што велат од компанијата, немаат пари за природен гас, ниту пак, помош од државата. Услугите на оваа топлана ги користат 500 домови, 13 училишта, градинките и здравствените домови во Чаир, Бутел и Топанско поле…

Пари за набавка на гас Скопје-Север нема, нема ниту парно. Со ладни радијатори сред ноември ги остави корисниците во Бутел, Чаир и Топанско поле.
И родителите гневни, занималните и училниците ладни и полупразни. Услови за настава нема, часовите скратени, наставниците известени дека дел од учениците нема воопшто да дојдат.
Револт, калкулации, секој сам во обид да се снајде како да го стопли домот. Оваа ситуација се повторува, и кога парно има, греењето трае по неколку часа, радијаторите се млаки-велат граѓаните.
За став, МТВ го побара директорот на топланата Скопје-Север. Куштрим Рамадани не одговор ниту на повикот, ниту на пораката. Откако во неделата компанијата ја прекина испораката на топлинска енергија, соопшти дека нема пари за гас, ниту државна помош.
И покрај направените напори и преговори, сè уште не е обезбедена финансиска поддршка од ЕСМ, со што се доведува во прашање понатамошното работење на топланата Скопје-Север, известија оттаму. Од ЕСМ одговорија, Скопје-Север одби да потпише договор за соработка и одговорноста е кај нив.
Сузана Фиданска Стоевска
