Обезбедено решение за парното на Скопје Север за наредните седум дена
Во наредните седум денови парно греење ќе имаат корисниците на Скопје Север. Во Бутел и Топанско поле револт поради студените радијатори. Електростопанство ја повикува топланата да преземе одговорност. Училиштата и медицинските установи исто така без парно греење...

Пари за набавка на природен гас нема, нема ниту парно – со овој став топланата „Скопје Север“ со студени радијатори, среде ноември, ги остави корисниците на парно од Бутел Чаир и Топанско поле.
Револт, калкулации, секој сам во обид да се снајде како да го стопли домот. Ситуацијата се повторува, и кога парно има, радијаторите се млаки, велат граѓаните.
И во поликлиниката Чаир, просториите студени. Во градинките и училиштата, занималните училниците полупразни. Родителите гневни, услови за настава нема. Часовите скратени, наставниците известени дека дел од учениците воопшто нема да дојдат.
Во меѓувреме, во Регулаторната комисија за енергетика, на иста маса седнаа претставниците на АД ЕСМ и топлана „Скопје Север“ да се надминат разликите во ставовите на двете компании. Директорот Куштрим Рамадани за МТВ вели, граѓаните да бидат спокојни во следните седум дена парно ќе има.
АД ЕСМ беше задолжена од Владата да изнајде модел, како да и помогне на топланата „Скопје Север“ преку договор за деловно техничка соработка.
Компанијата остана на ставот:
„Доколку АД „Скопје Север“ не сака да ги прифати истите услови кои важат за сите други субјекти кои испорачуваа топлинска енергија за над 58 илјади потрошувачи, одговорноста за прекин на греењето на 500 потрошувачи кои ги снабдува во општините Чаир и Бутел паѓа исклучиво на овој субјект“
Скопје Север одби да го потпише договорот. Сега се чека како правно ќе се реши проблемот за да не страдаат корисниците на услугите.
Сузана Фиданска Стоевска
