Зеленски ги повика лидерите на Г-20 да стават крај на агресивната војна на Русија
Во видео обраќањето на самитот повика сите лидери да преземат акција за да обезбедат нуклеарна безбедност, безбедност на храната и енергијата, да го обноват меѓународното право и да и помогнат на Украина да ја прекине војната.

Украинскиот претседател Зеленски ги повика лидерите на Г-20 да станат креатори на мирот и да стават крај на агресивната војна на Русија. Во видео обраќањето на самитот повика сите лидери да преземат акција за да обезбедат нуклеарна безбедност, безбедност на храната и енергијата, да го обноват меѓународното право и да и помогнат на Украина да ја прекине војната.
„Русија мора да ги повлече сите свои војници и вооружени формации од територијата на Украина. Контролата на Украина над сите делови од нашата државна граница со Русија мора да биде обновена. Тоа ќе резултира со вистински и целосен прекин на непријателствата“, изјави Зеленски.
Во меѓувреме Генералното собрание на Обединетите нации одобри резолуција со која Русија се смета за одговорна за кршење на меѓународното право за инвазијата на Украина и се повикува на плаќање репарации. Против резолуцијата беа Русија, Кина, Белорусија, Иран и Сирија.
