Поголем интерес за гласање во САД
Над 3.200 македонски државјани се регистрирани за гласањето на вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори во Соединетите Американски држави...

Македонските државјани коишто се на привремен престој во САД, денеска можат да гласаат за избор на претседател и пратеници. Во вториот круг претседателски избори и на вонредните парламентарни избори во САД има регистрирани над 3.200 гласачи, што е двапати повеќе од првиот круг на претседателските избори.
„Убаво е чувството. Ова е првпат да гласам и за претседателските и за парламентарните избори, бидејќи минатиот пат пред 4 годни кога оваа опција беше дозволена за луѓето коишто живеат во странство, имав поинакви ставови, сметав дека ние коишто живее во странство нема потреба да се вклучуваме активно во политичкиот живот во Македонија, но го изменив мислењето“, вели гласач од оваа изборна единица.
Гласачките места во Америка во Вашингтон, Њујорк, Чикаго и Детроит се отворени точно во 7 часот.
„Гласачкото место при Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон е отворено согласно правилникот навреме. Засега гласањето тече без проблеми. Првите гласачи веќе се појавија пред 8 часот. И очекуваме во текот на денот, бројот да се зголеми, бидејќи времето е многу убаво надвор, се надеваме се ќе тече како што е предвидено“, изјави Серџим Мухамед-Претседател на Изборна Комисија во Амабасада во Вашингтон.
Најголем интерес за гласање повторно како и пред две недели има во конзулатите на Република Македонија во Њујорк и во Чикаго.
Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ
