Македонија

Зголемен бројот на кражби во струшко

15.11.2022 12:08

Зголемен бројот на кражби во струшко, активистите сметаат дека тоа се должи на исклучувањето на јавното осветлување. Се кради во куќи, станови и деловни објекти. Лани на територијата на општина Струга имало 89 тешки кражби годинава заклучно со октомври регистрирани се 113. Од полицијата велат зголемена е и истражната функција, поднесени се 73 кривични пријави…

Зголемен бројот на кражби во струшко. Мета на крадците се куќи, станови, деловни објекти. Ограбени беа и канцелариите на општинската зграда во Струга. Не се поштедени и верските објекти, регистрирани се три кражби во џамии и една во црква.

Најчесто крадците одземаат пари, накит, компјутери, лаптопи и други вредни предмети. Од СВР Охрид велат зголемена е и ефикасноста во расветлување на овие кривични дела.

„Зголемена е и истражната функција на полицијата, така да во изминатиот период за сторените казнени дела кражби и тешки кражби на подрачјето на Струга ОВР Струга има поднесено вкупно 73 кривични пријави. Значајно е што се пронаоѓаат сторителите и со кривични пријави се изнесуваат пред правосудните органи“, вели Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

Граѓанските активисти сметаат дека порастот на кражби се должи на исклучување на јавното осветлување во градот и околината.

„Овие рестрикции на јавното осветлување доведоа и до зголемување на степенот на криминал во самата општина. Сведоци сме на неколку кражби извршени во изминатиот период меѓу кои и на самата општина Струга“, вели Глигор Ќато активист од Струга.

Лани во Струга имало 89 „тешки кражби“ и 62 „кражби“. Годинава заклучно со октомври, регистрирани се 113 дела „тешка кражба“ и 63 дела „кражба“.

Соња Рилковска