Криза

Неделава треба да се знае кои производи ќе поевтинат

15.11.2022 12:39

Од Нова година нема да има поскапување на електричната енергија, ќе поевтини за малите потрошувачи. Се прават пресметки и за намалување на малопродажните цени на основните производи, уверува министерот Бектеши. Неделава треба да се знае кои производи ќе поевтинат во супермаркетите…

Храна во маркетите има, но може ли секој да си дозволи да купува онолку колку што има потреба? Граѓаните велат – скапо е. Ако порано со една илјадарка ја полнеа торбата, сега велат – со истите пари, ќесата им е до едвај половина полна. Не гледаат дека цените почнале да паѓаат.

Од Владата смируваат. Цените ќе паѓаат. За колку, изминатава и оваа недела се прават анализите, кои вклучуваат и теренски посети во маркетите. Министерот за економија Бектеши се закани дека нема да дозволи богатење на грбот на граѓаните во време на криза. Инспекциските контроли се засилени, изречени се и казни.

Пресметки се прават и за да не поскапи струјата за граѓаните по Нова година, но и за да има пониски сметки за малите потрошувачи. Со сегашните берзански цени, поевтино е струја да се увезува, отколку да се произведува во ТЕЦ Неготино со оглед на високата цена на мазутот, вели министерот.

Анита Димитријевска Велковска