Аерозагадување

Нуредини: Граѓаните и институциите да бидат совесни и одговорни

15.11.2022 12:58

Секој има право на чиста животна околина, но тоа е и обврска на секој од нас. Министерот Нуредини со апел до граѓаните и институциите, да бидат совесни и одговорни, не само во изборот на начинот на затоплување, туку и за правилното одложување на отпадот и употребата на возилата, како главни загадувачи на амбиенталниот воздух.

Во Скопје почна тешко да се дише. Мерните станици повторно покажуваат висока концентрација на штетните ПМ честички. Воздухот е загаден. Најголем проблем имаат луѓето со респираторни заболувања, но никој не е имун.

Во услови на енергетска сиромаштија, ќе се гори сè и сешто, предупредуваат екологисти, кои сметаат дека мора да се направи енергетска транзиција кон обновливи извор.

Дополнителни грижи создаваат плановите на ЕСМ, дизелот да се користи како алтернативно гориво за топланите. Тоа несомнено ќе го зголеми аерозагадувањето. Министерот за животна средина вели дека гасот мора да биде приоритетен енергенс и најави дека стручните служби во ресорот внимателно ќе прават анализи за барањето за добивање дозвола.

Во услови на енергетска криза, неколку големи компании коишто имаат А интегрирана дозвола побарале да користат помалку еколошки енергенси.

Околу 7 милиони луѓе годишно умираат како последица од загадениот воздух, а во Македонија дел од градовите секоја зима се меѓу светските рекордери по загаден воздух.

Ана Јосифоска Тодоровска