Македонија

„Студентски отпор“ најави нов протест, бара исполнување на сите барања

15.11.2022 14:10

И покрај договореното на средбата во Собранието за субвенционираниот студентски оброк, иницијативата „Студентски отпор“ најави дека протестите ќе продолжат. Бараат целосно исполнување на нивните барања. Поддршка добија и од Сојузот на средношколци...

Студентите имаат право да го кажат својот став за законските решенија што се во нивни интерес, а ние треба да ги слушнеме и да ги спроведеме нивните барања. Во работната група што треба да го подготви новиот закон за студентскиот оброк до март идната година, ќе бидат и нивни претставници, вели премиерот Ковачевски. Додава дека во иднина таа комуникација со нив ќе биде поинтензивна.

И покрај договореното на средбата во Собранието меѓу премиерот, министерот за образование, пратеници и претставници на студентските собранија, од иницијативата „Студентски отпор“ најавија дека протестите продолжуваат. В четврток ќе маршираат од Министерството за образование до Собранието. Бараат целосно исполнување на нивните барања.

„Износот на субвенционираниот студентски оброк да се зголеми од 120 денари на 150 денари дневно, израмнување на сумата на стипендиите, согласно со измените од последното покачување, реновирање и обезбедување нормални услови за престој во студентските домови, формирање „Студентски градови“ и изземање на студентите од антикризните мерки“, велат од „Студентски отпор“.

Поддршка за барањата на студентите стигна и од Сојузот на средношколци. Апелираат да се размислува за изнаоѓање системско решение за субвенционираниот студентски оброк, налик на моделот применуван во европските земји, конкретно Словенија. Од сојузот ја поздравуваат предлог-мерката за месечна финансиска поддршка од 3 илјади денари за сите средношколци.

Миле Ристески