Судство

Седница на Уставниот суд

16.11.2022 09:13

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 36. седница на чиј дневен ред е разгледување на шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права...

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 36. седница на чиј дневен ред е разгледување на шест иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права.

Уставните судии ќе расправаат за иницијативата за оспорување на Законот за стратешки инвестиции во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 14/2020) во целина, како и неговите член 11 став 1 точка 6 и член 15 став 5 во деловите: „како и предлог закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект,“ и „и предлог законот од овој член“, став 6 во делот: „и го утврдува текстот на предлог законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект“ и став 8 во делот: „по влегувањето во сила на законот со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект,“ и член 17 став 1 во делот: „ќе се издаваат во рокови утврдени со закон со кој се уредува реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект.“

Уставниот суд ќе ја разгледува и иницијативата на Оливер Давидовски со која е оспорен член 19 став 16 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016, 142/2016 и 11/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 275/2019, 14/2020, 215/2021и 99/2022), кој гласи „Против одлуката на Комисијата незадоволниот административен службеник може да поднесе тужба пред надлежен суд во рок од 15 дена од денот на нејзиниот прием.“

Синдикатот на полицијата на Македонија од Велес, пак, го оспорува член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Север-на Македонија“ бр. 149/2021), кој гласи „Прекинот на постапката во случаите од ставот (1) алинеи 1 (работникот против кого е поведена дисциплинска постапка се разболел непосредно пред или додека трае дисциплинската постапка, што се докажува со отворено боледување од матичен лекар) и 2 (комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност ќе одлучи да решава по некое претходно прашање или ќе побара од надлежен орган да и достави веродостојни исправи и информации за чие изготвување е потребно подолго време) на овој член, може да трае најдолго една година“.

Судот ќе расправа и по иницијативата на Синдикалната организација „Македонски Дипломатски Синдикат“, преку претседателот Зоран Дабиќ, со која се оспорува член 17 став 2 од Етичкиот кодекс за вработените во Министерството за надворешни работи и други лица што вршат работи во и за Министерството за надворешни работи, бр. 01-5710/1 од 1 јули 2013 година, донесен од министерот за надворешни работи, кој гласи: „Вработениот не може да има настап во јавноста ако за тоа претходно не добил дозвола од министерот за надворешни работи“.