Се отстрануваат руинирани објекти во Куманово
Дел од руинираните објекти во центарот на Куманово, се закана за минувачите, бидејќи отпаѓаат делови од нив. Општината по спроведената постапка започна да ги урива. Во Куманово бројката на склонопадни објекти варира, но се движи до 15-ина на годишно ниво...

Се отстрануваат руинираните објекти во центарот на Куманово. Општината ангажираше екипи кои ги уриваат објектите, кои се закана за безбедноста на минувачите, сообраќајот, бидејќи попуштиле ѕидовите и фасадите. Повеќето од склонопадните објекти во централното подрачје се во сопственост на приватни лица. Општината навремено доставила решенија сами да ги отстранат, бидејќи е далеку поевтино доколку се одбира компанија на тендер.
„Извршувањата ќе продолжат согласно лоцираните средства за административно отстранување“, истакна Бобан Бојковски, раководител на Сектор за инспекциски надзор Општина Куманово.
Кумановци со години бараат да се реши проблемот со ваквите руинирани градби.
„Ова е веќе уништено, само ќе падне за некој ден, подобро да се урне, а во Куманово има згради кои мора да се реновираат“, истакна еден кумановец.
„Ова требаше многу порано да се урне, страшно е, небезбедно е кога поминуваме, бегаме од другата страна. Има многу во Куманово вакви, треба да се реши“, истакна повозрасен граѓани.
„Треба да се изгради но да има ист лик како што беше порано, не да се урива, секаде во светот, на запад го прават истото, го доградуваат, но иста структура има“, вели друг кумановец.
Од општината посочуваат дека реагираат од она што ќе го видат на терен, но и по претставки од граѓаните.
Бројот на склонопадни објекти во централното подрачје на Куманово варира, но вообичаено се движи до 15-ина.
Од општинскиот буџет за уривање на ваквите објекти се одвојуваат 2 и пол милиони денари.
Елена Георгиевска
