Француската државна секретарка во Скопје

Бун: Членството во ЕУ до 2030-та е амбициозна цел, патот мора да се изоди докрај

16.11.2022 12:32

Членството во ЕУ до 2030-та година е амбициозна цел, патот мора да се изоди докрај, уставните измени и сите реформи мора да се спроведат – од Скопје порача Лоранс Бун, француската државна секретарка за Европа. Шансата за членство не смееме да ја пропуштиме – очекувам пратениците да покажат државничко однесување, изјави премиерот Ковачевски…

Француската државна секретарка за Европа, Лоранс Бун со три пораки во Скопје, зајакнување на пријателството, да не охрабри на евроинтегративниот пат и заеднички ангажман низ европската политичка заедница. Таа потврди дека Париз помогнал за деблокирање на крајната цел на Македонија за членство во ЕУ.

Франција ја смени позицијата од пред три години и сега е главен поддржувач на проширувањето на Унијата, оцени премиерот Ковачевски. Македонија ќе влезе во ЕУ со сопствен јазик, идентитет и историја. Преостануваат уставните измени за продолжување на евроинтеграцијата.

Франција и Македонија ќе ја засилат економската соработка, Ковачевски ја најави набавката на систем за противвоздушна одбрана и француска инвестиција во фотоволтаици во близина на Штип. Бун го поздрави потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС на македонски, кој според неа ќе стане и официјален јазик во ЕУ.

Ирина Гелевска