Дојавите за експлозивни направи во седум училишта се лажни
Лажни се дојавите за бомби што пред девет часот ги испразнија седум скопски училишта-потврди МВР. Наставата беше прекината, присутните евакуирани. И учениците и наставниците реагираат дека трпат страв, притисок и губат голем дел од наставата. Досега полицијата нема конкретни информации, освен изјавите дека станува збор за хибридни напади...

Анонимните дојави за поставени бомби во неколку скопски средни училишта се лажни, потврдија од МВР. Учениците од претпладневната смена не беа на настава. По пријавата за експлозивна направа, евакуирани учениците и наставниот кадар. Тимовите за антитероризам веднаш на проверка во 7-те училишта. Од МВР велат дека нивната безбедност не е загрозена.
Веќе трета недела дојавите за бомби ги празнат скопските средни училишта. Се поставува прашањето како учениците ќе ги надоместат пропуштените часови и дали ова води кон онлајн настава.
Изминатите 10 дена анонимните дојави на електронските адреси на училиштата пристигнуваат во утринските часови. Претходно тоа беше попладне. Од МВР засега без конкретни информации за испраќачот, освен дека првични сознанија има, но без конкретен епилог. Дел од експертите ова го толкуваат и како хибриден напад.
„На електронската адреса на седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање, се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Александра Спировска
