Дуда: Нема индиции дека повторно ќе се случат настани од ваков тип
Нема индиции дека нападот на Полска е наменет. Немаме информации дека се подготвува офанзивна акција на русите против НАТО. Нашите првични извештаи се дека инцидентот веројатно се случил поради истрелување ракета од украинските трупи за одбрана на Украина. Загриженост и претпазливост за безбедноста по падот на проектилите во Полска во близина до границата со Украина. Истрагата е во тек. Осуда од меѓународната заедница. Москва се оградува од повраност на руското оружје. Ќе откриеме што точно се случило - уверуваат САД и лидерите на Г-7. Македонската влада соопшти дека е во консултации со сојузниците на НАТО и ја следи ситуацијата...

Меѓународната заедница повикува на смиреност откако ракета падна на полска територија во село во близина на украинската граница и усмрти двајца. Според првичните резултати, инцидентот на полско-украинска граница е предизвикан од украинска ракета за противоздушна одбрана од руско производство, верјатно модел С-300 од 70-те години. Полскиот претседател Дуда рече дека нема никакви знаци за намерен напад врз неговата земја.
„Најверојатно, станува збор за ракета од руско производство, но сето тоа сè уште е под истрага. Заштитата и безбедноста на Полска е зајакната. Нема индиции дека повторно ќе се случат настани од ваков тип“, изјави Анджеј Дуда, претседател на Полска.
И генералениот секретар на НАТО Столтенберг рече дека нема индиции дека Русија планира воени дејствија против НАТО. Тој во коментар по итната средба во Брисел на амбасадорите на Алијасата, свикана на барање на Варшава врз основа на членот 4, рече дека иако веројатно станува збор за украина противзодушна ракета, сепак, вината не е на Киев.
„Нашата прелиминарна анализа покажува дека инцидентот бил предизвикан од украинска противвоздушна ракета која била истрелана против Русите. Ова не е вина на Украина, Русија ја носи крајната одговорност додека ја продолжува војната против Украина“, нагласи генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Претходно, лидерите на Г7 и НАТО кои учествуваат на самитот на Г-20 на Бали изразија поддршка за Полска и целосна соработка за истрагата. Кина ги повика сите инволвирани страни да останат смирени и воздржани,турскиот претседател Ердоган верува дека Русија нема никаква врска со експлозијата во Полска.
„Се согласивме да ја поддржиме истрагата на Полска за експлозијата во близина на украинската граница и ве уверувам дека ќе откриеме што точно се случило“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
„Нудиме целосна поддршка на Полска и помош во тековната истрага. Ќе останеме во близок контакт со нашите партнери за следните чекори“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Има тимови на терен во кои се вклучени, не само Полјаците, туку и Украинците, Американците и други. Сите сакаме да дојдеме до вистината за она што се случило и да дозволиме тој процес да заврши“, вели британскиот премиер Риши Сунак.
„Анализите се во тек. Ние соработуваме со Полска и сите наши сојузници“, нагласи францускиот претседател Емануел Макрон.
Кремљ вели дека Русија нема никаква врска со ракетниот инцидент. Руското Министерство за одбрана ги означи тврдењата на полските медиуми како провокации, велејќи дека немало руски напади во близина на украинско-полската граница.
„Бевме сведоци на уште една хистерична, бесна русофобна реакција, во која немаше вистински податоци на кои треба да се потпреме. Полјаците ги имаа сите можни средства веднаш да пријават дека станува збор за остатоци од ракета С-300. И соодветно, сите специјалисти можеа веднаш да сфатат дека ова не можеше да биде проектил поврзан со вооружените сили на Русија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
По инцидентот, Русија веднаш отфрли одговорност, а Зеленски ја обвини Москва дека тероризмот го префрлила преку укранската граница.
Маријана Димовска
