МВР демантира дека градоначалникот на Куманово бил приведен
Станува збор за сообраќајна контрола на полициска патрола во центарот на градот...

Министерството за внатрешни работи ги демантира сите непроверени лаги и манипулации објавени на одредени портали за наводно приведување на градоначалникот на Куманово. Ниту тој, ниту неговиот соработник, не се приведени на информативен разговор како што објавија порталите повикувајќи се на „извори од партијата“.
МВР согласно законот, известувало и ќе продолжи да известува за сите дејствија кои ги презема.
МВР апелира до медиумите да ја задржат професионалноста и дигнитетот, да ја проверуваат веродостојноста на информациите кои им се сервираат од „извори во партиите“ и да не дозволат да бидат вовлечени во сценаријата за кои се говореше, а со кои треба да се делегитимираат изборите и да се оспори вољата на граѓаните на Република Македонија.
Станува збор за сообраќајна контрола на полициска патрола во центарот на градот. Откако било забележано лице кое од претходно и е познато на полицијата како управува возило на општина Куманово, истото било запрено. Полициските службеници констатирале дека лице кое што управувало службено возило на општината воопшто и не било вработено таму. Истовремено забележале во општинското возило материјали на една политичка партија и зеле еден примерок од листовите.
За целиот настан ќе биде изготвен соодветен записник и ќе бидат известени и надлежните во општината за злоупотреба на возилото од лица кои не се вработени таму.
Градоначалникот и неговите советници неповикано дошле во СВР Куманово. Се обидувале да појаснат дека, иако врнело дожд, во сабота попладне, возилото му било дадено на лице невработено во општината за „да го однесе на перење“.
МВР ги повикува политичките партии да се однесуваат достоинствено и да дозволат денешните избори да бидат празник на демократијата. Да не се обидуваат со никакви сценарија да го нарушат најсветото демократско право, граѓаните сами да одлучат која од политичките понуди им гарантира просперитетна иднина.
