Пратениците бараат одговори како Онишченко добил македонско државјанство и пасош
Во Собранието седница на Комисијата за надзор над работата на службите за случајот со украинскиот олигарх Онишченко. Пратениците бараат одговори како добил македонско државјанство и пасош, иако се наоѓал на американската „црна листа“. Првиот човек на Агенцијата за национална безбедност Димовски в петок ќе реферира за безбедносната проверка и како се стекнал со македонски документи…

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски в петок на Комисија за надзор на безбедносните служби во Собранието ќе реферира за безбедносната проверка на контроверзниот спортист Олександр Онишченко при издавањето на македонски документи. Претседателот на комисијата за надзор врз работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање Пренџов рече дека Димовски ќе треба да објасни како службеници на Агенцијата го пропуштиле низ безбедносниот филтер Онишченко, кој е обвинет за корупциски зделки во Украина и ставен на американската „црна листа“.
Пратеникот Милошоски истакна дека е важно Димовски да се сослуша бидејќи тој е кандидат за амбасадор во Франција. Смета дека исходот од Комисијата ќе зависи дали и кога ќе биде свикана комисијата за надворешна политика на која Димовски би ги образложил приоритетите како амбасадор.
Онишченко станал македонски државјанин како спортист по предлог на Коњичката федерација, а одлука за доделување македонско државјанство за него донела Владата по добиено позитивно мислење од надлежните институции.
Анита Димитријевска Велковска
