БЕСА и функционери од Алтернатива бараат разрешување на Сали
Министерот за здравство ги откри причините за разрешувањето на директорот на Клиниката за онкологија. Трошоците се зголемувале, проблемот не се решил навремено, па многу фактури стигнале за наплата. Надлежните ја утврдуваат фактичката состојба. Додека Сали трага по решение, БЕСА, но и функционери од неговата Алтернатива бараат да поднесе оставка…

Прогресивното зголемување на трошоците на Клиниката за онкологија и ненавременото решавање на овој проблем е причина за разрешувањето на поранешниот директор. Според министерот Сали, на сите пациенти кои барале биолошка терапија, директорот им излегувал во пресрет, но клиничкиот совет бил надлежен за тоа, а не пациентите, поради што, според Сали, се напластиле многу фактури за наплата. Надлежните институции на терен ја утврдуваат фактичката состојба.
Опозициската БЕСА го обвини Сали за лошо менаџирање во здравствениот сектор. Недостигаат лекови, услови за згрижување пациенти, се чека за здравствени услуги, а пациентите се оставени на милост и немилост, рекоа од партијата. Според нив, сомнителните тендери се причина повеќе Сали да замине од функцијата.
Но, освен БЕСА, и функционери од партијата на Сали, Алтернатива бараат негова оставка. Министерот не сакаше да ги коментира повиците за негово повлекување. Вели, станува збор за поединци кои поради лични интереси го изразуваат незадоволството кон министерот за здравство.
Наташа Јанчиќ Менковски
