Продолжуваат злоупотребите при градење објекти во Охрид и во заштитените подрачја
Злоупотребите при градење на објекти во Охрид и во заштитените подрачја продолжуваат.Невладините организации велат дека состојбите, наместо да се подобруваат се влошуваат. Како главен виновник го посочуваат секторот за урбанизам при охридската локална самоуправа...

Во Охрид и во националниот парк „Галичица“ не се почитуваат препораките на УНЕСКО, велат претставници на неколку невладини организации, коишто покренаа акција за презентирање на дел од објектите коишто се градат спротивно на Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, изработен од Владата. Обвинуваат дека лица вработени во Секторот за урбанизам, при охридската локална самоуправа, ги злоупотребуваат своите позиции со цел да дојдат до профит.
„Владиното тело коешто го изработува овој стратегиски план за рехабилитација на Охридскиот регион, којшто план ќе го прати во УНЕСКО како документ дека еве, нешто е преземено, а всушност на лице место, во пракса не е ништо преземено, дури уште повеќе е влошена ситуацијата. Уште повеќе имаме изградени диви објекти и понатака се продолжува со градење на висококатници или во централното градско подрачје или приватни објекти во Националниот Парк „Галичица“, изјави Никола Киселинов, претставник на невладини организации.
Претставниците на невладините организации денеска посочија простор, каде што се започнати градежни работи за изградба на објект којшто според нив, ќе има поголем габарит од дозволеното и ќе зафаќа повеќе од 50 проценти од градежната парцела, што е спротивно на препораките на УНЕСКО.
„Најголемиот проблем е тоа што ќе се наруши мојата статика, а јас се консултирав со статичари, со тројца статичари. Тие статичари ми рекоа дека сигурно, со сигурност ќе се наруши статиката на мојата куќа, која е 70 сантиметри до зградата, до темелите“, вели Борче Гаврилоски-сопственик на куќа.
Невладиниот сектор смета дека Охрид, идната година ќе се најде на листата на загрозени подрачја на УНЕСКО, бидејќи на терен не се спроведуваат нивните препораки. Поради тоа ќе продолжат да ги презентираат злоупотребите, бидејќи во иднинал, граѓаните треба да ја преземат улогата на УНЕСКО и да го штитат сопствениот град.
Сашо Нелоски
