Полска

Столтенберг: Ракетата која експлодираше во Полска била истрелана од Украина

16.11.2022 17:02

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека ракетата која експлодираше воПполска била истрелана од Украина. Според Алијансата, крајната одговорност е кај Русија поради, како што рече, незаконската војна што ја води против соседната земја. Полскиот претседател, Анджеј Дуда, изјави дека нема никакви знаци за намерен напад врз неговата држава...

„Ракетата која падна на наша територија веројатно беше несреќен случај“, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда, откако проектил усмрти две лица во близина на украинската граница.

„Најверојатно, станува збор за ракета од руско производство, но сето тоа сè уште е под истрага. Заштитата и безбедноста на Полска е зајакната. Нема индикации дека повторно ќе се случат настани од ваков тип“, изјави полскиот претседател, Анджеј Дуда.

Меѓународната заедница повикува на смиреност. Според НАТО, нема докази дека Русија планира воени дејствија против Алијансата, која одржа вонреден состанок на барање на Варшава, врз основа на членот 4. Зголемено е военото присуство во земјите коишто граничат со ризичната зона.

„Нашата прелиминарна анализа покажува дека инцидентот бил предизвикан од украинска противвоздушна ракета, која била истрелана против Русите. Ова не е вина на Украина, Русија ја носи крајната одговорност, додека ја продолжува војната против Украина“, изјави генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг,

Москва отфрла каква било вмешаност во инцидентот и проектилот, кој според нив, бил од украинската одбрана. Кремљ ја поздрави воздржаната реакција на САД, кои, според нив, не биле хистерични како Полска и други западни земји. Според руското Министерство за одбрана, воените дејствија тој ден се одвивале на растојание од 35 километри од полската граница.

„Бевме сведоци на уште една хистерична, бесна русофобна реакција, во која немаше вистински податоци на кои треба да се потпреме. Полјаците ги имаа сите можни средства, веднаш да пријават дека станува збор за остатоци од ракета С-300. И соодветно, сите специјалисти можеа веднаш да сфатат дека ова не можеше да биде проектил поврзан со вооружените сили на Русија“, изјави портпарол на Кремљ, Дмитриј Песков.

Во меѓувреме, во источна Полска беше затворено училиште.

„Не го очекувавме ова, иако се случуваат несреќи. Особено во ситуација кога војна се води на само шест километри од границата. Вакви инциденти можат да се случат секаде“, рече Ева Бира, директор на училиште.

„Бев дома, слушнав детонација, истрчав кон прозорецот, и видов голем црн облак. Потоа луѓе почнаа да трчаат. Знаев дека се случило нешто“.

„Се познавав со еден од загинатите, беше менаџер во зградата за сушење на житото. Во тој момент, тој ги мерел зрната, а таму бил и возачот на тракторот“.

Од почетокот на конфликтот во Украина, полската влада застана на страната на Киев и ги поддржа санкциите за Русија.

Маја С. Филдишев