Македонија гласа на двојни избори

27.04.2014 09:06

Во Република Македонија денеска се одржува вториот круг од петтите претседателски избори и осмите парламентарни избори, трети предвремени во низа...

За парламентарните избори запишани се милион 780 илјади 128 гласачи. За 123 места во Собранието, од кои три за пратеници од дијаспората, во трка се илјада 402 кандидати од 14 партии и коалиции , најмал број до сега. Само поголемите партии поднесоа листи за сите шест изборни единици, а некои од помалите само во една. Распределбата на мандатите се врши според донтовиот модел, не се сметаат вкупните гласови за партијата, туку колку ќе добие во секоја од 6-те изборни единици.
 
Право на глас за изборот на претседател  имаат еден милион 779 илјади 572 гласачи . За да бидат успешни изборите, неопходно е на гласање да излезат најмалку 40 проценти. 
 
Гласањето се врши лично. Гласачот се идентификува со лична карта или со пасош. Во овој круг  се бележи палецот на левата рака, бидејќи кај многумина гласачи се уште се познаваат трагите од мастилото на десната . Се гласа на две ливчиња – за претседателските и за парламентарите избори. Доколку гласачот избере да не гласа на едни од изборите, тогаш добива само едно ливче. Гласањето трае во периодот од 7 до 19 часот. Првичните резултати се очекуваат до полнок , официјалните ДИК  треба да ги соопшти најдоцна 24 часа по затворањето на гласачките места .
 
Јасмина Никова