Собрание

Во Собранието закажано продолжение на 79-та седница

17.11.2022 08:19

Во Собранието денеска треба да продолжи 79-та седница на чиј дневен ред се неколку ратификации на меѓудржавни договори, предлог закони и одлуки, како и годишни извештаи на институции...

Во Собранието денеска треба да продолжи 79-та седница на чиј дневен ред се неколку ратификации на меѓудржавни договори, предлог закони и одлуки, како и годишни извештаи на институции.

Пратениците треба да ги ратификуваат договорите меѓу Северна Македонија и Косово за партнерство за програмата ИПА и за статусот на припадниците на Армијата на РСМ и косовските безбедносните сили за време на нивното привремено стационирање на териториите на двете држави. За ратификација е и спогодбата меѓу владите на Северна Македонија и на Република Србија за основање Културно-информативни центри во Белград и во Скопје.

На дневен ред се и дополнетиот Предлог закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Предлог законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ – Скопје во услови на енергетска криза, кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, по скратена постапка.

Неразгледани точки на оваа седница се и Предлог Кодекс за престанување на важење на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието и предлог законите за финансиската инспекција во јавниот сектор, за изменување и дополнување на Законот за гранична контрола и за изменување и дополнување на Законот за семејство.

Има и повеќе барања за давање автентично толкување на членови од закони.