Руско-украински конфликт

Продолжен договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море

17.11.2022 12:32

Одеса нова цел на руските ракетни напади. Истрелани проектили и во Киев. Украинските медиуми пак објавија дека војската го гранатирала Крим, кој е под руска контрола. Во меѓувреме, продолжен договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море...

Зрак надеж дека ќе се избегне глобална прехранбена криза. Постигнат е договор за продолжување на извозот на украинско жито преку црноморската траса за уште 120 дена. Обединетите нации и Турција остануваат гаранти на иницијативата. Но, борбите продолжуваат. Црноморскиот град Одеса и Дњепар нови цели на руските гранатирања. Според информациите на украинските медиуми, ракетиран е и Крим, погоден е руски аеродром. Сирените за воздушен напад се огласија и во Запорожје и Херсон, кои се под контрола на Киев. Хуманитарната ситуација е тешка во неколку региони. Луѓето сè уште живеат без вода, струја и затоплување.

„Кога имате милиони раселени или бегалци, проблем е инфраструктурата, затворените супермаркети, уништените патишта, разурнатите мостови. Ние сме организација за итни случаи. Се обидуваме да ги покриеме тие празнини“, рече Хозе Андрес, готвач во Херсон и основач на Светска кујна.

Истрагата за инцидентот во Полска, каде паднаа две ракети и усмртија две лица продолжува. Американскиот претседател Бајден и претставници на НАТО објавија дека проектилите биле украински, истрелани за пресретнување на руските. Зеленски побара докази, но Полска одби да и дозволи на Украина да учествува во истрагата.

„Позицијата на Украина е многу транспарентна. Ние се стремиме да ги утврдиме сите детали, секој факт. Затоа треба нашите специјалисти да се приклучат на работата на меѓународната истрага и да добиеме пристап до сите податоци од местото на експлозијата достапни за нашите партнери“, рече украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Од Обединетите нации велат дека на конфликтот во Украина не му се гледа крајот, постои шанса војната да се претвори во катастрофа.

„На војната не и се гледа крајот. Сè додека продолжува, ризиците од потенцијално катастрофално прелевање остануваат премногу реални. Инцидентот во Полска во близина на украинската граница беше застрашувачки потсетник за апсолутната потреба да се спречи каква било понатамошна ескалација“, изјави Розмари А. Ди Карло, заменик-генерален секретар за политички и мировни работи.

Од 24-ти февруари, кога започна воената операција на Русија во Украина, до 15 ноември, во европските земји пристигнале речиси осум милиони украински бегалци, соопшти УНХЦР.

Маријана Димовска